„НОМАГАС“ го потпиша договорот за изградба на интерконекторот со Грција – клучен чекор кон енергетска безбедност и регионално поврзување

Скопје, 7 мај 2025 година – Националниот оператор на системот за пренос на природен гас, „НОМАГАС“ и компанијта „Рапид Билд“ од Куманово денеска го потпишаa договорот за изградба на гасоводниот интерконектор со Грција во Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини на Република Северна Македонија. Со ова официјално започнува реализацијата на еден од најзначајните енергетски проекти во поновата историја на земјата.

Со овој договор се обезбедува диверзификација и достапност до повеќе извори на природен гас, се обезбедува економскиот развој, унапредување и заштита на животната средина, се придонесува кон безбедноста на снабдувањето со енергија, како и транзит на еден од најважните енергетски ресурси и капитал за иднината – енергијата. 

„Овој ден е посебно значаен за нас, бидејќи како нов менаџмент успеавме за неполни 9 месеци да ги комплетираме сите процедури. Воедно, сум многу горд што сум дел од тековното раководство на македонскиот оператор на системот за пренос на природен гас, кој ja започнува реализацијата на токму овој важен проект,“ изјави директорот на „НОМАГАС“, г. Мухамет Елмази.

„Имено, потпишувањето на договорот со домашна компанија претставува и потврда за капацитетот и понудата на домашниот пазар, преку одредбите за квалитет, компетентност и особено значајно во контекст на современите економски услови – финансиска исплатливост,“ додаде тој.

„Овој Договор за изградба денес го потпишавме и во присуство на нашиот партнер од другата страна на границата – грчкиот оператор на системот за пренос на природен гас „ДЕСФА“, со кој заедно ќе го изградиме овој стратешки енергетски капацитет. Со „ДЕСФА“ заедно ги развиваме можностите за долгорочна соработка пред се меѓу двете друштва, но и меѓу двете држави, во чии рамки Р. С. Македонија ќе ја зацврсти својата енергетска иднина, ќе го поддржи развојот на целиот регион, а со реализацијата на планираниот енергетски коридор ќе даде значаен придонес за енергетската стабилност на Европа,“ посочи Елмази.

Речиси три денцении по воведувањето на природниот гас во Р. С. Македонија, со овој договор, „НОМАГАС“ се позиционира како еден од најголемите системски енергетски оператори во земјава – клучен фактор за нејзиниот енергетски развој и сигурност.