НОМАГАС ја зголеми својата капитална вредност – нов чекор кон стабилен развој на гасната инфраструктура
Скопје, 13.06.2025 Акционерското друштво за вршење енергетска дејност пренос на природен гас НОМАГАС АД Скопје, во државна сопственост, успешно ја зголеми својата капитална вредност преку претворање на побарувањата на Република Северна Македонија по основ на платени побарувања кон странски кредитори во траен влог.
Овој важен чекор, реализиран по иницијатива на НОМАГАС и со поддршка и предлог од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, претставува силна основа за успешно работење и понатамошен развој на гасната инфраструктура на Република Северна Македонија, како и зацврстување на сопствената позиција како дел од европскиот енергетски коридор Север-Југ.
„Со заедничка и координирана работа, успехот е неизбежен. Со донесувањето на овој закон, државата покажа сериозност и придонес во развојот на гасификацијата во Северна Македонија”.
Одлуката се темели на две јасни начела – зголемување на ефикасноста на работењето на НОМАГАС и обезбедување на финансиска стабилност и солвентност на друштвото.
Оваа мерка доаѓа во клучен момент – непосредно по успешното отпочнување на работите на Интерконективниот гасовод со Република Грција, проект од стратешко значење за регионалната енергетска поврзаност. За НОМАГАС, ова претставува уште една потврда за посветеноста кон исполнување на европските стандарди за оператори на преносни системи за природен гас.
“Со усвојувањето на овој закон се зголеми солвентноста на НОМАГАС АД Скопје, а со тоа и непреченост на операторот на системот за пренос на природен гас да продолжи да го развива национален гасоводен систем во Република Северна Македонија, со цел снабдување на стопанството, јавниот сектор и домаќинствата со евтина и еколошка енергија, а истовремено и намалување на емисијата на штетни гасови во атмосферата “
Со ваквите активности, НОМАГАС ја потврдува својата улога како двигател на енергетската транзиција и интеграцијата на Северна Македонија во регионалниот и европскиот енергетски пазар.