Меморандум за разбирање помеѓу Јавното претпријатие „Србијагас“ Нови Сад и акционерското друштво „Номагас“ АД Скопје беше потпишан денеска во Белград. Документот за идната билатерална соработка меѓу националната гасна компанија на Србија и операторот на националниот систем за транспорт на природен гас на Северна Македонија го потпишаа генералните директори на „Србијагас“ и „Номагас“АД Скопје, Душан Бајатовиќ и Мухамет Елмази.
Со овој акт, двете страни ја потврдуваат политичката волја изразена во Меморандумот за разбирање и соработка во областа на гасот, потпишан во Скопје во октомври 2024 година од страна на ресорните министерства на Србија и Северна Македонија, со посебен акцент на значењето на меѓусебното поврзување на енергетските пазари, зајакнувањето на сигурноста на снабдувањето со гас и диверзификацијата на правците на снабдување со природен гас.
„Овој стратешки проект, од особено значење за двете држави, ќе придонесе за зајакнување на енергетската безбедност во регионот, унапредување на енергетската транзиција и диверзификација на правците на снабдување, поефикасно балансирање на понудата и побарувачката на природен гас, како и интеграција на регионалните гасни пазари“, вели директорот Елмази.
Со потпишувањето на овој документ, „Србијагас“ и „Номагас“ АД Скопје ја изразуваат својата намера во најскоро време да ја реализираат изградбата на гасниот интерконектор Северна Македонија – Србија на своите територии, потенцирајќи ја важноста на меѓусебната поддршка во развојот на овој стратешки проект, со цел зголемување на сигурноста на снабдувањето со гас, балансирање на понудата и побарувачката, како и олеснување на прекуграничните транспортни операции.
Директорот Елмази вели дека интерконекторот ќе ги поврзе системите за пренос на природен гас на двете земји преку гасовод со должина од околу 70 километри – 47 километри на територија на Србија и 23 километри на територија на Северна Македонија.
Поврзувањето ќе се реализира од градовите Клечовце и Врање, при што во рамки на проектот се предвидува изградба на главна мерна станица на македонска територија и контролна мерна станица на српска страна.
Интерконекторот меѓу двете држави, за кој наскоро ќе биде подготвена Студија за изводливост, ќе овозможи двонасочен проток на природен гас во количина од 1,5 милијарди кубни метри годишно.
Изработката на студијата ја поддржува Western Balkan Investment Fond (WBIF) – Инвестициска рамка за Западен Балкан.
Инаку пречникот на идниот интерконектор ќе биде 500 mm, со номинален притисок од 55 бари.
„Со потпишувањето на Меморандумот за разбирање, договорните страни ја изразуваат својата поддршка за зајакнување на соработката меѓу земјите од Југоисточна Европа и за воспоставување на регионален енергетски пазар како дел од внатрешниот енергетски пазар на Европската Унија“, заклучи директорот Елмази.