Гасоводните цевки се вкопани во земја, на законски пропишана длабочина, и единствено во екстремни ситуации може да дојде до неконтролирано испуштање на природниот гас во атмосферата. Затоа од голема важност, за сигурноста на гасоводот, животната средина и луѓето, е почитување на сигурносните мерки за безбедност во близина на гасоводната цевка. Најголема опасност за преносниот гасоводен систем претставуваат активности во безбедносната зона на гасоводот (градежни и земјоделски активности, влијание од тешки механизациони возила и др.). Заради овие активности е воведен терминот заштитен појас на гасоводната цевка согласно Правилникот за технички услови и нормативи за безбеден транспорт на течни и гасовити јаглеводороди со магистрални нафтоводи и гасоводи и со нафтоводи и гасоводи за меѓународен транспорт (Службен весник 26/85). Природниот гас е гас без боја, мирис и вкус, и од безбедносни причини му се додава одорант (миризлива супстанција) за да може неговото присуство да се почуствува во помали концентрации од долната граница на експлозивност.
Со правилна употреба на природниот гас не постои опасност по човекот, животните и околината. Неисправноста на гасните уреди, оџаците и системите за довод на воздух за согорување може да доведе до гушење, труење или експлозија.
Гушењето настанува со смалување на концентрација на кислородот во воздухот. Концентрациите на природен гас помали од 5% не делуваат штетно по човечкиот организам, а поголемите ја намалуваат концентрацијата на кислородот и делуваат загушувачки.
Труењето може да настане индиректно, во случај на неисправност на опремата и неправилно согорување на природниот гас при што во димните гасови се јавува јаглен моноксид. Самиот природен гас не е отровен.
Природниот гас спаѓа во групата на експлозивни гасови, бидејќи со воздухот создава експлозивни смеши, во случај неговата концентрација во смесата да е поголема од одредена минимална вредност т.н. долната граница на експлозивност (Ld=5vol%), ), односно помала од одредена максимална вредност т.н. горната граница на експлозивност (Lg=15vol%).
Температурата на палење е најниската температура при која природниот гас во стехиометриска смеша со воздухот (кислород) ќе се запали. Природниот гас гори со син пламен и во зависност од неговиот состав, притисокот најниската температура се движи од 595°-645°С.