Search
Close this search box.

Бајрам Реџепи: ЌЕ ИМА ГАС И ЗА ДОМА И ЗА СОСЕДИТЕ

Гасификацијата на Македонија стагнираше повеќе од една деценија. Во тие години постојано беше спомнувана како земја низ која би требало да поминува еден од големите гасоводи што доаѓаат од истокот или од југоистокот, како на пример „Јужен тек“, „Северен тек“, „Турски тек“, „Набуко“ и ретко кој граѓанин, што не е експерт за енeргетика, можеше да ги разбере сите тие комбинации и „можности“ за снабдување на земјава со пиродени гас. Сега снабдувањето е дефинирано и изградбата на примарната мрежа се одвива континуирано.

Директорот на Национални енергетски ресурси (НЕР), Бајрам Реџепи, вели дека споменатите гасоводи, реално, никогаш и не биле предвидени да поминуваат низ Македонија. Санбдувањето со гас на Македонија сега ќе се одвива преку други гасоводи, други проекти, а тоа се ТАП и ТАНАП.

Во моментов зависиме само од рускиот гас. Дали по завршувањето на примарната гасоводна мережа може да се рече дека е дефинирана и сигурна „гасната“ иднина на Македонија, по сите поранешни траси за кои се зборуваше, конечно од каде ќе се снабдува Македонија со гас?

-ТАНАП се приклучува на турско-грузиската граница со јужно-кавкаскиот гасовод, кој ги користи изворите на Шахдениз во Азербејџан. ТАП се приклучува на ТАНАП на грчко–турската граница. Со изградбата на нашиот интерконекциски гасовод со грчкиот оператор за пренос – ДЕСФА, ние ќе можеме да се снабдуваме и од ТАП и од грчките ЛНГ-терминали, како и од сите други извори на снабдување на ДЕСФА, но секако и преку постоечкиот интерконектор со Бугарија.

По која цена ќе го купуваме гасот?

-Цената на нашето снабдување секако ќе зависи од цената на светската берза, но диверзификацијата на нашите извори за снабдување, секако дека ќе има големо влијание за да добиеме многу поевтини цени од сегашните.

Финансиската конструкција на примарната мрежа?

-Изградбата на преносната мрежа ќе биде во развој во наредните 10 години. Во моментов, целосно е изградена делницата од Клечовце до Неготино во должина од 96 км, и при крај се делниците Неготино-Битола во должина од 92 км како и делницата Скопје-Тетово-Гостивар во должина од 88 км. Финансирањето е со кредит од Дојче Банк и Ерсте Банк, а дел се затвори со рускиот клириншки долг. Наредните делници ќе бидат изградени со кредити од европските инвестициони институции и секако и со сопствени средства.

Од стратешки аспект, какво место ќе заземе Македонија во балканскиот систем, важно или маргинално?

-Изградбата на интерконекцискиот гасовод со Р. Грција, освен економско, има и големо геополитичко значење за државата и дефинитивно не враќа во регионален фактор, бидејќи нашиот преносен систем ќе се користи за снабдување на Западниот Балкан со гасот што ќе протече низ ТАП, и секако тоа ќе има голем ефект врз цените кај нас.

Дали, по завршетокот на изградбата, ќе можеме да бидеме сигурни во тоа дека снабдувањето ќе биде континуирано и дека нема да може некој да не условува со рестрикции на енергенсот?

-Секако да, но ние мораме да се подготвиме да изградиме и складишта, бидејќи тоа е многу битно, за да обезбедиме рамномерен протек на гасот во текот на целата година низ нашите интерконекциски водови.

Хрватскиот експерт по енергетски системи и обновливи извори, д-р Невен Дуиќ, кој деновиве престојуваше во Скопје, рече дека гасификацијата е застарено решение, дека развиените земји ја напуштаат и се ориентираат на обновливте извори на енергија. Дали згрешивме што се определивме за гасификацијата, а што проектите за енергетска ефикасност не се дивжат со побрзо темпо?

-Јас не се согласувам со таквата констатација, бидејќи и во многу повеќе развиени земји, гасот се планира да биде еден од доминантните енергенси, во наредните 30-40 години, и се инвестираат 100-тина милијарди евра во изградба на гасната инфраструктура низ цела Европа, посебно ако го гледаме растот на потрошувачката на енергија и потребата од баланс. Во нашата држава речиси е невозможно да се планира брза трансформација, гледајќи ја куповната моќ на потрошувачите и предвидувањата за движењето на цените на електрична енергија.

Како може да се постигне добра цена за сите крајни поторошувачи?

-Со добра и одржлива стратегија и енергетска политика. Тоа значи: брза изградба на дистрибутивната мрежа на целата територија на државата, изградба на интерконекцискиот вод со Грција, изградба на најмалку две гасни централи и складиште за гас, изградба на интерконекторот со Косово, субвенционирање на внатрешните инсталации кај домаќинствата, итн. Тоа ќе придонесе за раст на потрошувачката, со краен ефект, пониски цени кон крајните потрошувачи.

Кој се е вклучен во изградбата на основната мрежа, дали нашата оператива има доволно искусни градители на вакви мрежи или работат странски фирми?

-Изградбата на преносниот систем се прави со 100 процентно учество на домашни компании, со исклучително добро темпо. Mногу e битно што е создадено такво искуство и инженерски капацитет, дури може и да се понуди на странските пазари, кои се’ повеќе имаат потреба, како во нашиот регион, така и во цела Европа.

Кој модел го препорачувате за изведба на дистрибутивната мрежа и за избор на дистрибутивен оператор?

-Една таква битна одлука не треба да се заснова на препорака или убедување. Има една сериозна физибилити студија направена во 2014 година, нарачана од страна на Министерство за транспорт и врски, која ги дава насоките како треба да се изгради, развие и одржува дистрибутивната мрежа. Врз основата на таа студија владата веќе има одлучено, дистрибутивната мрежа да се изгради со јавно приватно партнерство, како и во речиси сите други држави. Јас очекувам дека таа постапка ќе биде отворена многу скоро.

Цена на прилклучок за домаќинствата и можност на субвенционирање?

-Гледајќи ги цените во регионот, очекувам цената за приклучокот кај нас да биде поевтина отколку што се плаќа сега, исто како и цената за метар кубен гас. Спомнавме и погоре дека е исклучително важно да се подготви добар модел на субвенционирање на внатрешните инсталации за домаќинствата, за што владата, секако, сериозно се подготвува.