Адаптацијата на уредите во домовите, за да може да се користи гасот, домаќинствата ќе ги чини околу 1.500 евра, рече првиот човек на Националните енергетски ресурси, Бајрам Реџепи, во вечерашното гостување во емисијата „Економски магазин“ на Алсат. Како што вели тој, има размислувања дел од тие трошоци да бидат субвенционирани.
„Гасот ќе се користи најмногу за греење на станбени простории, за готвење, за шпорети и за топла вода. Ова значи дека сите домаќинства, кои имаат системи за греење, ќе треба да ги адаптираат за да бидат на гас. Ќе треба да купат шпорет на плин исто и бојлер на плин. Реално според физибилити студијата, трошоците за ова, во станбен простор од 85м2, за четиричлено семејство ќе требаат околу 1500 евра за да се адаптира внатрешниот систем. Ова ќе биде висока цена за многу семејства особено за социјалните случаи или кои користат социјална помош. Затоа разговаравме и планираме како влада еден дел да се субвенционира и за еден дел да се користат меки кредити“, рече Реџепи.
Според првиот човек на Националните енергетски ресурси приклучокот за домаќинствата во гасоводниот систем ќе изнесува околу 100 евра.