НОМАГАС со гордост го означува овој историски момент – започна изградбата на гасниот интерконектор што ќе ја поврзе Северна Македонија со регионалната и европската мрежа за природен гас.
Овој стратешки проект, чии подготовки започнаа уште во 2016 година, денес прераснува во реалност.
Под водство на директорот Мухамет Елмази, НОМАГАС ја предводи оваа клучна национална мисија со јасна визија: зајакнување на енергетската безбедност, стабилност и конкурентност на земјата.
Гасниот интерконектор, со вкупна должина од 66,7 километри, кој се протега од Гевгелија до Неготино, ќе обезбеди почетен капацитет од 1,5 милијарди кубни метри природен гас годишно.
Оваа инфраструктура не само што ќе овозможи поевтин, сигурен и стабилен гас за индустријата и домаќинствата, туку ќе донесе и вистинска диверзификација на енергетските извори и трајна поврзаност со европската енергетска мрежа.
„Овој проект е капитален и стратешки за Северна Македонија. Тој носи сигурност, ефикасност и стабилност во снабдувањето, а истовремено нè позиционира како енергетски центар во регионот,“ изјави директорот Елмази.
Интерконекторот е технолошки подготвен да одговори не само на актуелните енергетски предизвици, туку и на идните барања за зелена, чиста и одржлива енергија, во согласност со највисоките европски стандарди.
Проектот се реализира со особено внимание на заштитата на животната средина и на долгорочната енергетска сигурност на државата.
Како национален лидер во гасната индустрија, НОМАГАС со стручност, одговорност и транспарентност го води процесот на изградба, уверена дека оваа инвестиција претставува клучен чекор кон енергетска сувереност и економски развој.
Секоја фаза се спроведува со максимална посветеност, со крајна цел: најголема корист за граѓаните, стопанството и идните генерации.
Со успешното финализирање на проектот, Северна Македонија се позиционира како полноправен и стабилен енергетски чинител во Европа – силна, поврзана и подготвена за иднината.




