Директорот на АД НОМАГАС дел од владината делегација во Вашингтон на Стратешкиот дијалог со САД

Директорот на АД НОМАГАС Скопје, Недим Рама е во посета на Вашингтон каде се одржува втората сесија на Стратешкиот дијалог меѓу Република Северна Македонија и Соединетите
Американски Држави, со учество на висока владина делегација.

Во состав на делегацијата се министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, министерот за одбрана, Владо Мисајловски, министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, како и министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши.

Во рамки на дијалогот се реализираат повеќе тематски состаноци во Стејт департментот, како и билатерални средби со високи претставници на САД, меѓу кои и заменик-државниот секретар Кристофер Ландау и Брендан Ханрахан од Бирото за европски и евроазиски прашања.

Стратешкиот дијалог претставува значаен механизам за продлабочување на билатералната соработка и потврда на стратешкото партнерство меѓу двете држави.
Посебен акцент во разговорите е ставен на енергетиката како клучен сегмент за стабилен економски развој и регионална поврзаност.

Преку овој процес се отвораат можности за реализација на конкретни проекти и иницијативи што ќе придонесат за долгорочна енергетска стабилност и сигурност, како и за унапредување на регионалната соработка.

Стратешкиот дијалог ја зацврстува позицијата на државата како кредибилен партнер, со јасна ориентација кон заедничките вредности и евроатлантските приоритети.