Search
Close this search box.

Природен Гас

Природниот гас е гасна смеша од согорливи и несогорливи гасови, без вкус, боја и мирис. Во својот состав не смее да содржи механички примеси, смоли и смолообразувачки соединенија. Полесен е од воздухот затоа што неговата густина е помала од густината на воздухот. Согорливите гасови на природниот гас се заситени или парафински јагленоводороди, односно алкани: метан, етан и пропан. Покрај наведените алкани природниот гас содржи бутан (изо и нормален бутан), пентан (нео, изо и нормален пентан) како и хексан и хептан во мали моларни (процентуални) износи. Од негорливите гасови природниот гас содржи азот и јаглероддвооксид.
Природниот гас кој се транспортира во гасоводниот систем е со руски квалитет, односно со содржина на метан е над 92 (mol%), максималната содржината на јаглерод диоксид е 1(mol%), азот може да се најде во концентрации до 2(mol%), додека концентрацијата на сулфур практично е занемарлива. Долната топлинска моќ се движи во границите Hd=33.00 MJ/nm3- 33.90 MJ/nm3, а релативната густина е 0.562kg/Nm3. Природниот гас се мери во нормални метри кубни (Nm3). Еден нормален метар кубен е количина на природен гас кој се наоѓа во волумен од 1m3 при апсолутен притисок од 1,01325bar и при температура од 20°С.
Освен јагленот, природниот гас е единствен примарен облик на енергија кој може да се употребува без претходна припрема. Со воведување на природниот гас во индустриските и енергетските постројки се создаваат услови за максимална автоматизација на термоенергетските процеси, поголема економичност во потрошувачка на енергенсот, зголемување на продуктивноста на работата, намалување на трошоците за одржување на инвестиционата опрема и др. Наоѓа употреба во термоенергетските постројки и индустријата (за технолошки, процесни и енергетски потреби, производство на електрична енергија во когенеративни гасни централи), во домаќинствата (за готвење, добивање топла вода за санитарни потреби, греење и ладење) и транспортниот сектор како погонско гориво за разни видови моторни возила. Со добро разработена медиумска кампања за предностите на природниот гас во однос на другите енергенси, едукација и економската оправданост на инвестициите за приклучување на системот, реализацијата на проектот за употребата на природниот гас е практично реалност. Колкава ќе биде употребата на природниот гас во сите сфери на живеењето зависи од степенот на развиеноста на енергетскиот сектор, висината на стандардот, подготвентоста природниот гас да се користи и во индустријата и во домаќинствата. Сите овие чинители се битен фактор во развојот на системот за пренос на природниот гас.