Потпишан договорот за проектирање и изградба на интерконективниот гасовод Македонија – Србија

Директорот на АД „НОМАГАС“, Недим Рама, и директорот на компанијата „Рапид билд“, Тони Каранфиловски го потпишаа Договорот за проектирање и изградба на интерконективниот гасовод Македонија – Србија.
На потпишувањето на договорот присуствуваа претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, и министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска.
По спроведената постапка за доделување на договорот, како најповолна беше избрана понудата на компанијата „Рапид билд“, во вредност од 29,4 милиони евра. Договорот ќе се реализира по принципот „клуч на рака“, согласно моделот FIDIC, и ги опфаќа сите клучни фази на проектот – урбанистичко планирање, проектирање, изградба и обезбедување одобрение за употреба.
„Со потпишувањето на договорот се создаваат услови за реализација на еден значаен инфраструктурен проект. По спроведената постапка за доделување на договорот, за најповолна е избрана понудата на компанијата ‘Рапид билд’, во вредност од 29,4 милиони евра. Станува збор за договор по принципот ‘клуч на рака’, според моделот FIDIC, кој ги опфаќа урбанистичкото планирање, проектирањето, изградбата и обезбедувањето одобрение за употреба“, истакна директорот на АД „НОМАГАС“, Недим Рама.
Македонскиот дел од интерконективниот гасовод ќе биде во должина од 22,4 километри, со дијаметар од 500 милиметри. Трасата ќе започнува кај блок-станицата „Клечовце“, а ќе завршува на македонско-српската граница, во близина на селото Сопот.
Како дел од проектот е предвидена изградба и на пет придружни објекти: главна интерконекторна мерна станица, редукциска станица, блок-станица и две приемно-отпремни чистачки станици.
Проектираниот технички капацитет на гасоводот изнесува до 160.000 кубни метри природен гас на час. Интерконекторот е предвиден да овозможува двонасочен проток на гас, со што ќе се создадат дополнителни можности за поврзување и функционирање на гасниот преносен систем.
Согласно предвидената динамика, целосната реализација на проектот е планирана до четвртиот квартал од 2028 година.