Каде дефинитивно ќе оди трасата за гасната делница од Скопје за Гостивар, преку Тетово, преку Парк шумата Водно, како што предлага Владата, или по друга поширока и многу поскапа траса, како што предлагаат невладините организации, и како се развива гасната мрежа низ Македонија, генерално, и интерконекциската поврзаност со соседните земји, во интервју за МИА говори директорт на Македонски енергетски ресурси (НЕР) Бајрам Реџепи.
Господине Реџепи неодамна стапивте на новата функција и веднаш се соочивте со реакции од невладините организации што се противат на изградбата на магистралната траса на гасоводот преку Парк шумата Водно. Дали со изградбата го уништувате Водно како што ве обвинуваат?
– Многу често се употребуваше зборот се уништува Водно. Мислам дека зборот уништува е далеку од соодветен. Реално Водно не само што нема да изгуби од овој проект, туку ќе има и придобивки. Имавме потполно разбирање за загриженоста на невладините организации, граѓаните и Градот Скопје и мило ни е што се покрева свеста кај граѓаните, што реално е добра вест. Заради тоа, имавме долга и многу продуктивна комуникација и соработка со нив и како резултат на тоа Владата одлучи гасоводната делница Скопје – Тетово – Гостивар, што е предвидено да заврши до Охрид, да продолжи да се гради по истата рута, но со неколку измени и мерки.
Се предвидува да се намали ширината на работниот појас од 25 на 10 метри и да се измени трасата на самиот врв на Водно каде е високостеблестата шума. Новопредложената траса ќе биде покрај една постоечка патека и постоечки пат, само се предвидува да се прошири од лева и десна страна по неколку метри и со тоа уште повеќе ќе се избегне сечењето на шумата на Водно, која според анализите на јавното претпријатие Паркови и зеленило Скопје изнесува околу 1.400 метри кубни сеча на дрва. Владата одлучи неколкукратно да ја компензира исечената шума со пошумување на овој предел и да се врати во првобитна состојба за неколку месеци.
Треба да биде јасно дека освен сечење на тоа количество дрва, на Водно нема да има никакви други негативни влијанија врз животната средина, бидејќи цевководот ќе биде над еден метар под земја и за неколку месеци нема да се препознае местото каде поминува гасоводот. Тоа се докажува и може да го видите ако посетите веќе изградени делници каде на лице место можете да се уверите дека ништо не се познава доколку не се сметаат колчињата што ние ги ставаме за да се обележи трасата.
Каде точно поминува трасата и кои ќе бидат придобивките што ги спомнавте?
Трасата од оваа делница се гради на јужната страна на Водно, која во поголемиот дел не е пошумена. Од Сопиште оди кон врвот на Водно, цело време по јужната страна, и се спушта кон Матка.
Придобивките ќе бидат повеќекратни. Ќе се пошумува многу поголема површина отколку што ќе се сече, ќе биде многу убава и рамна патека што ќе се користи за пешачење, а појасот што ќе се направи ќе служи и како препрека во случај на пожари.
Покрај тоа, носењето гас во овие региони ќе биде апсолутна замена за користењето дрва за греење, и со тоа ќе се спасат милиони метри кубни дрва во овој регион и во многу други во државата, што сега се сечат и се користат за греење.
Дали невладините организации се согласија со предложените измени на трасата и предвидените мерки?
Јас бев позитивно изненаден од креативноста на нивните идеи и предлози и неколку измени беа направени токму врз основа на нивните предлози. Но, кај нив преовладува мислењето дека треба да се бара алтернативна траса.
Која алтернативната траса ја нудат невладините организации?
Тие мислат дека подобра варијанта е трасата да биде изградена по северната обиколница на Скопје, или по Скопска Црна Гора. Но, во оваа фаза таква радикална измена не е рационална и не е возможна. Тоа е основано на опширната анализа што ја направививме и ја пративме како информација до Владата, која за разлика од невладините организации сноси одговорност кон договорените органи и финасиски институции, а посебно кога фискалните импликации се големи.
Зошто е невозможна измената на трасата?
Како прво не дека таа делница е подобра варијанта од еколошки аспект. Второ, проектот има правосилно решение за животна средина, има правосилно одобрение за градба, направена била физибилити студија, и поминати се сите правно-формални процедури.
Измената не е рaционална, од причина што проектот ќе се пролонгира во најдобар случај за четири до пет години, а веќе е реализиран на ниво на 23 проценти на целата делница. Во тек е постапка за експропријација, направени се проценки, пратени предлози до Управата за имотно правни работии, веќе платени парцели. Според нашите анализи, измените ќе ги чинат граѓаните над 20 милиони евра.
Покрај тоа, измената не е возможна од причина што во 2015 година со Закон државата е задолжена кај Дојче банк и Ерсте банк со многу строги дефинирани правила и обврски, а тој кредит треба да почне да се враќа од наредната година. Во 2016 година се потпишани договори за градба и за надзор со, исто така, строги правила и обврски.
Предложените измени на трасата од невладините организации сигурно ќе сносат тешки последици како од финансиски, така и од аспект на идниот развоен план за гасификација. Но, и во случај Владата да ги занемари сите овие законски и договорени обврски, да се одлучи на таа измена и да го остави цел Полошки регион и други региони да се греат на дрва, а фабриките да работат на скапата струја, која е сигурноста дека после пет – шест години нема да се појават други невладини и граѓански здруженија, кои можеби ќе имаат дури и посилни аргументи и ќе се спротивстават на новопредложената траса
Кои се вашите приоритети во наредниот период?
Со рускиот долг е изградена трасата од Клечовце до Штип, а со кредит од Дојче банк и Ерсте банк се гради линијата од Штип до Неготино. Во моментов се градат и делницата од Неготино до Битола и делницата од Скопје до Гостивар со крак до Тетово. Моментално Македонија има гасна интерконекција само со Бугарија кај Крива Паланка и тоа на гасоводот со кој стопанисува ГАМА. Сега се работи на интерконективно поврзување со Грција по трасата на нафтоводот, а во план е и поврзување со Србија, Косово и Албанија.
Интерконекцијата со грчката Десфа ни е врвен приоритет во нашата работа. Тоа е многу битно за државата заради диверсификација на изворите на снабдување, бидејќи ние ќе имаме директна конекција со гасоводот ТАП, кој што ги користи изворите на Шах Денис во Азербајџан. Ние во изминативе неколку месеци имавме интензивни преговори со Десфа за интерконекцијата со Грција и веќе е потпишан меморандум за соработка. Очекуваме до крајот на септември да имаме физибилити студија и да аплицираме за грант за основен проект. Во исто време, имавме интензивни преговори и со меѓународни финансиски институции за да ја затвориме финансиската конструкција која ќе биде финансирана дел со грант, а дел со мек кредит.
Предвидено е интерконекцијата со Грција да оди покрај траста на постоечкиот нафтовод, од Неготино преку Гевгелија и да се приклучи во Неа Месимвриа на грчка територија, која е директно поврзана со ТАП. Нашиот дел ќе биде во должина од околу 78 километри.
Исто така, при крај се и преговорите за интерконекции со Србија, Косово и Албанија. Многу ни е битна интерконекцијата со Косово, бидејќи можеме да ги користиме нашите гасоводи за транзит на гас за Косово. Тоа треба брзо да го направиме. Со поврзувањето и со Србија и Албанија регионот ќе стане многу конкурентен и ќе имаме алтернативни извори за снабдување со гас.
Како течат работите на делниците од Неготино до Битола и од Скопје до Гостивар со крак кон Тетово и дали постои интерес од компаниите во зоните за приклучување на гасоводот?
На двете делници текот на реализација е во рамките на 23-25 отсто. Покрај за градба, обезбедени се и средства за експропријација и интензивно работиме навреме да се заврши постапката за експропријација, која што е обемна, но сепак тече добро. Има неколку проблеми со планските опфати во општините што ги имаат усвоено откако е дефинирана трасата и ние работиме интензивно тие пречки да ги отстраниме за навреме да се продлжи со работа и навреме да се заврши проектот.
Според нашиот динамичен план, на двете делници градежните работи треба да завршат до крајот на 2019 и почетокот на 2020 година, после ќе следат технички контроли и испитувања и очекуваме во втора половина на 2020 година да бидат оперативни. Годинава е предвидено да се изградат околу 40 километри од оваа делница.
Интерес за приклучување секако постои кај компаниите, бидејќи со изградбата на гасоводот ќе се зголеми потрошувачката на гас, а тоа, пак, ќе значи намалување на цената на гасот за крајните потрошувачи. За намалување на цената ќе придонесе и интерконективното поврзување со Грција, бидејќи Македонија ќе се снабдува со гас од две страни, односно со руски гас од Газпром преку Бугарија и со азербејџански гас од Десфа преку Грција што ќе значи поголема конкуренција и пониски цени.