Од 1ви јануари почнува испораката на природен гас од Турски поток – Бугарија е спремна, Турција ќе се подготвува до 20 декември, крак низ Македонија од рускиот гасовод нема да поминува. Може да се снабдуваме, но количините се недоволни. Директорот на Енергетски ресурси, Реџепи, вели дека имаме само еден интерконектор со Бугарија, но со капацитет од само 800 милиони метри кубни. Приоритет, според него е интерконекторот со грчката Десфа, со капацитет од 2,8 милијарди метри кубни – количини кои ќе бидат доволни за да се влијае и на пад на цената на гасот.
Се уште се работи на студијата од животна средина, која треба да заврши крајот на март или април, потоа ќе се чека одобрение за градба и на крајот на летото или почетокот на септември ќе се објави повикот за градба. Целосна изградба и поврзување со Грција би имале некаде во 2022 година, изјави Бајрам Реџепи, директор на МЕР
Проценетата вредност од овој проект изнесува 50 милиони евра, од кои 10 се грант, а останатите кредит од Европската Инвестициска банка. Македонскиот дел ќе биде во должина од 78 километри и ќе оди покрај трасата на постоечкиот нафтовод, од Неготино преку Гевгелија до Грција. Иако Македонија првично беше во игра за Турски Поток, како замена за Јужен тек, пред 2 години отпадна од игра.
Трасата на Турски поток почнува од Анапа на руското крајбрежје, поминува преку Црно море и излегува на турскиот брег од каде продолжува до Бугарија, грчката граница, Србија, Унгарија и Австрија. Има капацитет од 63 милијарди метри кубни, од кои 14 милијарди се за Турција, а останатите за југоисточна Европа.