“Денес го информиравме премиерот, заменик претседателот на владата и министерот за транспорт и врски и другиот дел од делегацијата, со текот на реализацијата на проектот на делницата од Неготино до Битола. Со задоволство ги информиравме дека над 90 проценти од имотно правните прашања се решени, веќе имаме заварено околу 33 километри цевки, имаме отворена траса од над 52 километри и решена експропријација на околу 75 километри од оваа делница. Ние очекуваме дека овој проект ќе се реализира, со динамичниот план и со оваа динамика предложена на почетокот на годината, се надевам дека ќе го надминеме и очекувам дека во втората половина на наредната година оваа делница ќе биде оперативна и заполнета со гас и може да се користи за снабдување на овој регион. Исто така и во другите делници имаме слична реализација, надминати се поголем дел од нерешените прашања и очекувам исто така и во другите две делници ќе се реализира според нашата предвидена динамика. Со задоволство сакам да ве информирам, дека и во интерконекцискиот вод со Грција веќе имаме завршена физибилити студија, овие денови ќе треба да се почне со проектирање на терен и очекувам дека до почетокот на наредна година ќе имаме инфраструктурен проект, ќе имаме основен проект и решение за влијанието на животната средина, така што во вториот квартал на наредната година, очекувам дека и во оваа многу битна делница ќе се почне со реализација на нашиот интерконекциски вод со Грција, што е многу важно да се најде алтернатива за снабдување со гас на нашата држава.”– изјави Бајрам Реџепи, извршен директор на НЕР АД Скопје.